Одличниот камерунски голман, наместо трансфер во Челси или Борусија, доби суспензија поради допинг.
Репрезентативниот голман на Камерун, кој во Амстердам е од 2015 кога пристигна од младинскиот погон на Барселона, се соочува со забрана за бавење со фудбал во период од 12 месеци откако падна на допинг тест.
Тестирањето на кое Андре Онана излегол позитивен на забранета супстанца било направено во октомври, а станува збор за фуросемид во неговата урина. УЕФА му додели суспензија која почнува од денес и трае точно една година.
Ајакс тврди дека голманот по грешка се напил погрешен лек и ќе ја обжали суспензијата која доаѓа во тежок период кога на Ајакс му следува двомеч со Лил во Лига Европа, а во холандската лига се бори за титула.
„Утрото на 30 октомври Онана не се чувствуваше добро. Сакаше да земе апче за да си ја подобри благосостојбата. Без да знае, по грешка земал ласимак, лек кој ѝ бил припишан на неговата сопруга“, се правдаат од Ајакс.
Дисциплинската комисија на УЕФА пресудила дека Онана немал намера да го прекрши законот, но сепак му додели суспензија цитирајќи дека „секој фудналер е должен цело време да внимава ниту една забранета супстанца да не влезе во неговото тело“.
„Ние сме стриктно против употреба на забранети сустанци и се залагаме за чист спорт. Ова е страшен чекор назад, лично за Андре, но исто така и за нас како клуб. Андре е одличен голман кој веќе години како се има докажано во Ајакс, а е и многу популарен кај навивачите. Се надевавме на условна суспензија или пак казна многу пократка од овие 12 месеци бидејќи јасно беше дека немал никаква намера нелегално да си го појача организмот и да си ги подобри перформансите“, вели легендарниот холандски голман Едвин ван дер Сар, која работи како технички директор во клубот.
Доколку УЕФА не ја промени одлуката за 12-месечна суспензија, Онана на теренот ќе се врати на денешен ден во 2022 година. Не само што нема да игра за Ајакс, туку нема да може да игра и за репрезентацијата на Камерун која сега во март има два одлучувачки натпревари против Зелен 'Рт и Руанда во квалификациите за пласман на Африканскиот куп на нации, кој исто така би го пропуштил. Нема да игра ниту во квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар 2022 каде Камерун е во група со Брегот на Слоновата Коска, Мозамбик и Малави.
На голот на Ајакс се очекува да застане искусниот Мартен Стекеленбурх, а во комбинација се уште и младите Кјел Схерпен и Доминик Котарски. Во репрезентацијата на Камерун би требало помеѓу стативите да застане Фабрис Ондоа, кој всушност е братучед на Онана и моментално е без клуб откако во декември го напушти белгиски Остенде.
Добрите игри на Онана во дресот на Ајакс велеа дека на лето дефинитивно ја менува средината откако Челси и Борусија од Дортмунд покажаа интерес за него. Сега, наместо трансфер, Онана ќе мора фудбал да гледа само на ТВ: