Бизнис

Шпански суд застана зад компанија која не им го плаќа на вработените времето за „пуш-пауза“

12. февруари 2020 - 10:15 | МИА

Компанијата Galp, која престана да им го плаќа на вработените времето што го минуваат на паузи за пушење, го доби случајот пред еден Виш суд во Шпанија.

Оваа енергетска компанија соопшти дека постапила според шпанскиот закон кога го одземала времето минато надвор од просториите на фирмата од вкупниот број на работни часови на вработените.

Кратката пауза за кафе или доручек со колегите, исто така, е дел од политиката што Galp почна да ја применува во септември минатата година.

Синдикатот на компанија, кој овој случај го однесе на суд, планира да вложи жалба на пресудата.

Според неодамнешните измени во шпанскиот закон, компаниите мораат да го бележат доаѓањето на вработените на работа и нивното заминување.

BBC објаснува дека таквото надгледување треба да ја спречи експлоатацијата на работниците, да ја зголеми флексибилноста во договореното пропишано работно време и да го реши проблемот со неплаќањето на прекувремената работа во Шпанија.

Во 2019 година, имено, работниците не биле платени за речиси три милиони прекувремени работни часови.

Ова барање, сепак, имаше непредвидливи последици за околу 10 милиони пушачи во Шпанија.

Со снимање на влезот и излезот на вработените од канцелариите, компаниите сега можат да пресметаат колку време работниците минуваат зад работната маса. Шпанските работници работат повеќе часови годишно од повеќето останати Европјани, освен од Италија и Португалија.

Во 2018 година, една компанија во Шпанија можеше да очекува од вработените дека ќе работат 1.701 час, додека во германската фирма можеле да очекуваат 1.363 часа работа, а во Обединетото Кралство 1.538 часа.

Коментирај