Авто новости

Што да направите ако ставите погрешно гориво во резервоарот?

18. октомври 2018 - 18:21 | А.С.

Ставањето погрешно гориво во резервоарот може да биде скапа грешка ако се обидете да го возите автомобилот, но добро е да ги знаете овие совети ако некогаш ви се случи тоа.

Иако звучи неверојатно, се проценува дека на секои 3-4 минути некој возач некаде става погрешно гориво во резервоарот на својот автомобил. Ако никогаш ви се нема случено вам лично, бидете благодарни, но немојте да ги исмевате возачите на кои ќе им се случи тоа.

Деконцентрираност, умор, стрес... ова се фактори што придонесуваат лесно да се приклучите на оваа статистика следен пат кога ќе се упатите кон бензинската станица.

Мешањето бензин во дизел мотор не е крај на светот ако навреме ја сфатите грешката, на лице место.

Неизбежно е соочување со проблеми и трошоци, но најголемата штета се случува кога ќе се обидете да го возите автомобилот. Ако имате барем малку среќа, ќе завршите со штета од само неколку стотина евра.

Најголемиот број вакви грешки , околу 95%, се ставање бензин во дизел мотор. Спротивната грешка е поретка, бидејќи „пиштолот“ на пумпата за дизел е поширок од бензинскиот.

Бензин во дизел автомобил

Палењето на моторот е најголемата грешка што може да ја направите, бидејќи и ако не успеете да го стартувате моторот, самото давање контакт може да ја активира пумпата за гориво што веднаш ќе го вшмука бензинот.

Во тој случај ќе биде потребно сушење и испирање. Ако сте го стартувале моторот, следи многу полошо сценарио.

Современите дизел мотори користат многу технологии за да ги исполнат строгите еколошки норми, а сепак да ја задржат високата ефикасност и економичност.

Затоа нивен составен дел се скапи пумпи под висок притисок и инјектори со заедничка шина. Овие пумпи за гориво се подмачкуваат со самото дизел гориво, па ако наместо тоа низ нив помине бензин, неговите особини го елиминираат ефектот на подмачкување.

Пумпата за гориво што работи без подмачкување наскоро ќе почне да создава внатрешно триење. Потоа ќе почне да се распаѓа, а тоа значи дека фини микроскопски честички од металот ќе влезат во моторот и може да го оштетат уште подлабоко.

Тоа значи дека ќе стигнат до инјекторите под висок притисок кај дизел моторите кои го носат горивото во цилиндрите на моторот низ многу фини отвори, со внимателно дизајниран млаз на прскање.

Ако металните честички стигнат до системот за вбризгување, едноставно ќе зачепат дел од отворите, или сите, а замената на заедничкиот систем за вбризгување чини неколку илјади евра.

Понатамошен проблем со погонското гориво може да предизвика корозивното дејство на бензинот што дополнително ќе го оштети моторот.

Во најмала рака, целиот систем ќе мора да помине на преглед и проценка на штета, како и да се испразни со помош на гас за чистење.

Ако сте го возеле автомобилот со бензин во дизел мотор, не паничете!

Важно е да се напомене дека возењето на автомобилот со погрешно гориво на кратко растојание не мора да значи дека ќе се оштетат сите витални компоненти.

Стручњаците за решавање на вакви проблеми тврдат дека многу возачи се пожалиле на проблеми дури откако моторот ќе престанел да работи по неколку километри, без долготрајни штетни последици.

Меѓутоа, возењето на дизел автомобил со бензин во резервоарот ќе направи сериозна и скапа штета за прилично кратко време, а не вреди да се коцкате со потенцијалните трошоци за обемните поправки.

Дури и ако успеете да поминете без значителна штета откако сте го стартувале моторот или сте возеле, тоа не значи дека понатамошната штета нема да биде скапа. Испуштањето на горивото од моторот и неговото испирање е многу тежок процес, покомплициран од испирањето на резервоарот.

Три совети во случај да ставите бензин во дизел мотор:

Веднаш престанете да ставате гориво – Најмалку штета ќе претрпите ако брзо сфатите дека ставате погрешно гориво, бидејќи е утврдено дека до 5% бензин во дизел гориво не оставаат последици. Ако не ви е полн резервоарот, проблемот може да го решите со тоа што ќе доставите дизел, така што соодносот да биде 95-5%. Ако тоа не е можно, мора да го испумпате горивото од резервоарот.

Викнете ги работниците на бензинската пумпа – Тие ќе ги преземат сите потребни мерки бидејќи почесто од вас се соочуваат со вакви ситуации. Ако сакате да го поместите автомобилот, ќе ви помогнат да го истуркате бидејќи, како што рековме, не смеете да го стартувате моторот. Не давајте ни контакт со клучот, не ја палете ни контролната табла.

Викнете служба или специјалист за решавање на проблеми со ставено погрешно гориво – Не се обидувајте да правите нешто сами, може само да направите поголема штета. Во бензинската станица сигурно имаат контакти со вакви специјалисти, ако немате вие некој познат.

Коментирај