За разлика од примарната неплодност, која се дијагностицира веднаш ако жената никогаш не можела да забремени, секундарната неплодност значи неможност да забремени по една или две бремености.

Секундарната неплодност е тема за која ретко се зборува, а како што соопштуваат од клиниката Мајо, овој тип на неплодност може да биде предизвикан од различни проблеми:
- оштетување на јајцеводот што ја спречува јајце-клетката да патува до матката, проблеми со овулацијата
- лузни од ендометриоза при што ткивото што ја обложува внатрешноста на матката расте надвор од неа
- одредени состојби на матката како што се фиброиди или аденомиоза
- компликации поврзани со претходната бременост или операција
- промените во телесната тежина, промените во лековите, а појавата на секундарна неплодност зависи и од возраста на жената.
Секундарната неплодност може да биде изненадување за многу парови. Експертите објаснуваат дека треба да побарате помош од лекар доколку барем една година се обидувате да забремените безуспешно, а за паровите над 35 години се доволни шест месеци.