Тенис

Што ја усреќи Наоми Осака по стресната церемонија во финалето на УС Опен?

13. септември 2018 - 16:36 | М.Д.

Наоми Осака, победничка на овогодинешниот Гренд Слем турнир ,УС Опен, чија игра падна во втор план на теренот, во завршницата од мечот во Њујорк, поради инцидентот помеѓу Серена Вилијамс и судијата, на кој жестоко реагираше и публиката, гостуваше во шоуто на познатата водителка Елен Деџенерис, каде зборуваше како се чувствувала во тие моменти.

Младата Јапонка на славната водителка и откри што всушност ја направи среќна на крајот од дуелот, додека низ солзи се обидуваше да одржи победнички говор, но поради свирежите од трибините тоа не успеваше да го направи.

Наоми Осака откри дека Американката Серена Вилијамс и шепнала дека е горда на неа, после освојувањето на Отвореното првенство во САД.

„Ми рече дека е горда на мене и дека морам да знам дека публиката овие свирежи не ги упатува кон мене. Во тој момент јас навистина мислев дека свирежите се за мене. Не знаев што се случува, бидејќи се беше толку гласно. Беше малку стресно“, објасни 20-годишната тенисерка, која започна да се занимава со овој спорт токму поради Серена, која е нејзин пример во животот.

Осака го донесе првиот Гренд Слем трофеј во Јапонија, а светските медиуми пренесуваат дека таа наскоро ќе потпише еден од најбогатите договори со произведувачите на спортска опрема.

Се шпекулира дека Adidas годишно ќе и плаќа по 8,5 милиони долари, што ќе биде најголемиот договор кој таа компанија го платила на една спортистка.

Коментирај