Движењата за социјална правда може да генерираат длабоки и трајни промени кои промената на политиката и развојните интервенции сами по себе не можат да ги постигнат. Меѓутоа, во многу случаи, правата на жените и родовата правда остануваат ниско на листата на приоритети на движењата, дури и кога жените се активни членови.

Феминизмот значително ја промени позицијата на жените во однос на статусот што го имаа во општеството пред појавата на феминистичката идеологија. Феминизмот се обиде да го зачува таквиот еманципаторски карактер преку трите бранови во кои се појави. Во првиот бран, жените навлегоа во јавната сфера и се бореа за еднаквост заедно со мажите. Добивањето правна еднаквост во формална смисла не значеше и вистинска еднаквост. Воспоставените општествени норми и општествено конструираните родови улоги на жените се менуваа многу потешко и побавно.
Од таа причина почна уште еден феминистички бран. Под влијание на деконструкцијата и постмодернизмот, феминизмот во третиот бран се испреплетува со родовата идеологија. Ова го оддалечи од неговата примарна цел за борба против доминацијата и подеднаков пристап до јавната сфера. Изразената сексуализација на жените во медиумите покажува дека општеството не еволуирало многу во поглед на нивно потценување и омаловажување. Агресивноста на таквата содржина јасно сугерира дека феминизмот е процес на постојана борба, а не конкретна победа, вели Дамирка Михалјевиќ во воведот на трудот „Феминизам – што постигна?“
Можам да продолжам да наведувам бројни студии, истражувања, анкети и цитати од луѓе на кои им е повеќе од јасно која е целта на феминистичкото движење и зошто „феминист/ка“ е етикета со која треба гордо да се носиме. Но, она за кое сакам да зборувам денеска, на овој 8 Март, е декларативноста наспроти делата. Не ми е намерата да пишувам некаков прирачник како да се биде добар поборник за феминизмот, ами преку преиспитување на сопствените дела и примерите околу мене, да видам до каде сум (по)стигнала јас и што уште можам (и можеме!) да направиме.
Борбата за економска, социјална и политичка еднаквост е секојдневна, потребна, повеќеслојна, повеќезначна, напорна работа која иако понекогаш се чини како Сизифов труд, сепак е инспиративна и инспирирана. И додека Тања Кокс прашува „Дали е време за феминистички пристап во надворешната политика на ЕУ“, се прашувам што правам во моите секојдневни постапки, зборови и избори, за да ја поддржам, покажам и поткрепам идејата и реалноста на феминизмот?
Дали работам на одучување на навидум безопасните стереотипи што ни ги вгнездил патријархатот во врска со женските пријателства, соработка, конкурентност и солидарност?
Дали учам да учам како да им дадам на жените комплименти кои не мора да се поврзани со физичкиот изглед и/или реализирањето во улогата на мајка?
Дали во мојата улога на конзумент одлучувам финансиски да поддржам брендови, компании и индивидуалци кои вистински се залагаат за еднаквост, рамноправност, ги плаќаат исто нивните машки и женски вработени?
Дали (финансиски) поддржувам брендови основани од жени? Дали барам отчетност од брендовите кои традиционално вработуваат повеќе жени во нивната работна сила?
Дали реагирам на системската мизогинија или говорот на мизогонија и насилство врз жените?
Дали препознавам и премолчувам мизогинија?
Дали се едуцирам да бидам подобра феминистка, а со тоа и подобар член на општеството?
Дали препознавам и споделувам информации за состојбата на жените кои се проверени и непристрасни?
Дали избирам партнер кој не се плаши од феминизмот и со кој (ќе) воспитуваме деца не во форматот на патријархатот, ами во духот на феминизмот како борба за економска, социјална и политичка еднаквост?