Свет

Што САД и Русија мислат за новата одлука на Ким Џонг Ун?

21. април 2018 - 10:26 | М.Д.

САД треба да преземе возвратни мерки откако Северна Кореја ги прекина нуклеарните тестирања.

Ова го изјави шефот на меѓународниот комитет на Советот на Руската Федерација, Константин Косачов.

Тој, во порака која ја објави на социјалните мрежи, оцени дека одлуката на Северна Кореја не е доволна за да се нормализира ситуацијата на Корејскиот полуостров, туку дека се потребни „оперативни, по можност демонстративни возвратни мерки од САД“.

„Прекинување на агресивна реторика. Признавање на суверените права на Северна Кореја на сопствен развој. Прекинување со заканите за промена на власта во таа земја преку надворешно мешање. Прекинување на воените активности кај границите со Северна Кореја. Започнување на политички дијалог“, напиша рускиот сенатор.

Тој изрази надеж дека меѓукорејскиот самит и самитот Северна Кореја-САД, „сигурно ќе бидат одржани“.

„Нашиот дијалог со соседите на Северна Кореја во ниту еден момент не е прекинат. Тоа беше одговорна, прецизна и на крајот на краиштата исправна руска дипломатија. Победи политиката за политичко решавање на кризи, за која Русија постојано се бори“, заклучи Косачов.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, веднаш реагираше на Twitter на веста дека Северна Кореја ќе прекине со тестовите на балистички ракети и планира да ги затвори полигоните за тестирање на нуклеарни бомби.

„Северна Кореја прифати да ги прекине сите нуклеарни проби и да го затвори големиот полигон за тестирања. Ова се многу добри вести за Северна Кореја и за светот – голем напредок! Со голема радост го очекувам Самитот“, напиша Трамп.

Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, од порано изјави дека неговата земја повеќе не мора да спроведува нуклеарни проби ниту тестирања на интерконтинентални балистички ракети, бидејќи како што кажа тој, оваа земја ја постигнала својата цел во развој на нуклеарно оружје.

Се огласија и Кина, Јапонија и Јужна Кореја

Кинеското министерство за надворешни работи денеска го поздрави потегот на Северна Кореја да ги прекине нуклеарните и ракетните проби, што ќе помогне, како што тврдат од оваа земја, во ублажување на тензиите на корејскиот полуостров и напредок во процесот на денуклеаризација.

„Кинеската страна верува дека одлуката на Северна Кореја ќе помогне во подобрување на ситуацијата на полуостровот. Кина тоа го поздравува“, стои во соопштението објавено на сајтот на министерството за надворешна политика на оваа земја.

Јапонија исто така реагираше на одлуката на Пјонгјанг, а јапонскиот министер за одбрана порача дека не е време да се попушти со притисокот над Северна Кореја.

Претседателството на Јужна Кореја денеска го поздрави соопштението на Северна Кореја и го карактеризираше како „значаен напредок“ во правец кон денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Од оваа земја изразија надеж дека оваа одлука на Северна Кореја ќе ги подобри шансите за успешни преговори меѓу Сеул, Пјонгјанг и Вашингтон.

Коментирај