Авто новости

Што се добива кога ќе се спојат Corvette и Mazda?

12. октомври 2018 - 17:57 | А.С.

Најчудниот јапонски автопроизводител го пензионираше најгрдиот автомобил, а сега ја претставува најновата „играчка“, овојпат многу поубава за око.

Секако, станува збор за Mitsuoka Motor, јапонскиот производител познат по неконвенционалниот дизајнерски стил инспириран од старите европски премиум модели. Меѓу нив, посебно место зазеде спортскиот Orochi, кој многумина го прогласија за најгрдиот автомобил на светот. Го пензинираа пред пет години, а сега одлучија да играат на сигурно и на свет донесоа своја верзија на Corvette.

И тоа не која било туку легендарната C2, а основата е Mazda, и тоа MX-5. Иако звучи како проект осуден на пропаст, конечниот производ е прилично добар.

Од надвор автомобилот доби главно нов дизајн, а ретро елементите воопшто не изгледаат лошо. Не пречат ни вратите и ретровизорите задржани од моделот Mazda.

Ентериерот е задржан речиси потполно ист, при што седиштата се рачно тапацирани со кожа.

Како дополнителен „зачин“ на целата мајсторија, на автомобилот му дадоа има Rock Star.

Автомобилот со 1,5-литарски бензинец со 132 кс чини 36.200 евра, речиси двојно повеќе од оригиналот на Mazda.

Планот е да се произведат само 50 примероци, на време за одбележување на 50-тиот роденден на компанијата.

Коментирај