Огромна палета со батерии исфрлена од Меѓународната вселенска станица неконтролирано леташе кон Земјата, а бидејќи никој не ја контролираше на кој било начин, беше многу тешко да се предвиди каде може да завршат деловите од батериите.

Потрошените батерии тешки 2,6 тони, исфрлени од Меѓународната вселенска станица на 11 јануари 2021 година, се упатија кон Земјата во последните денови, предизвикувајќи загриженост дека доколку паднат на Земјата, пред сè, би можеле да предизвикаат штетно влијание врз атмосферата и животната средина.
Палетата, на која беа спакувани вкупно 9 големи батерии, во моментот на пуштањето беше најмасивниот објект кој некогаш бил исфрлен во вселената од една вселенска станица.
Во потенцијалното сценарио за „батериски армагедон“, експертите предвидоа дека палета од батерии со големина на голем патнички автомобил ќе влезе во атмосферата на Земјата, при што добар дел од нив ќе завршат на Земјата.
Нејзиното прелетување за малку ќе го вклучеше алармот во германската Федерална служба за цивилна заштита и помош при катастрофи, која веднаш, откако беше забележано прелетувањето на батериите, предупреди дека делови од нив може неконтролирано да почнат да паѓаат над германска територија. Цивилната заштита објави и мапа на која се прикажани можни траги од батерии кои влегуваат во атмосферата.
Сателитските снимки покажуваат дека огромното пакување батерии наречено Exposur Pallet 9 (EP9) исто така било забележано додека минувало на територијата на Холандија. А, покрај поголемиот дел од Европа, батериите летаа и над териториите на Јужна Америка, Североисточна Африка, Блискиот Исток, Јужна и Југоисточна Азија и Австралија, оставајќи простор за шпекулации за тоа каде нивните делови би можеле да завршат.

Масивното пакување батерии имаше природна траекторија на паѓање, што значи дека леташе неконтролирано и не беше водено на кој било начин од Земјата. Токму поради ова, беше многу тешко да се предвиди каде може да се распадне пакувањето и каде да завршат делови од батериите.
Сепак, и покрај официјалните предупредувања, експертите изјавија дека постои многу мала веројатност деловите од батериите кои би паднале на земја да бидат доволно големи за да предизвикаат поголема штета.
Патем, станува збор за стари никел-водородни батерии, кои беа заменети со нови литиум-јонски батерии, кои беа доставени до МВС од јапонското вселенско летало HTV-9 на 20 мај 2020 година. Исфрлањето на непотребната искористена опрема од вселенската станица во орбитата на Земјата е вообичаен начин за астронаутите кои остануваат на неа да фрлат вишок бескорисни работи, кои обично согоруваат во Земјината атмосфера.
Меѓутоа, по влегувањето во атмосферата, батериите почнале да горат, испуштајќи многу штетни хемикалии како олово и литиум во воздухот. Сепак, опасното влијание од нивното достигнување до воздухот се покажа како минимално, благодарение на ширината на атмосферата.
И покрај тоа што батериите беа целосно изгорени, а нивните делови не завршија на Земјата, експертите го оценија значењето на овој настан како уште еден пример кој ја нагласува важноста од потребата за одговорно управување со отпадот во вселенските мисии.