Здравје

Што се случува со телото кога ќе прескокнеме оброк?

12. октомври 2017 - 17:18 | М.Д.

Прескокнувањето на оброци во ретки прилики и не е така лошо, но редовното прескокнување на оброци може да има негативни здравствени последици.

Речиси на сите ни се случува да прескокнеме оброк или два. Некој се обидува да изгуби тежина и јаде помалку, други пак немаат време да јадат, а постојат и оние кои водат диета во крајност, па избегнуваат воопшто да се хранат.

Бројни научни истражувања покажуваат ефекти од прескокнувањето на оброци – она што може да доведе до пореметување во исхраната, нездрави придобивки во тежината и лоши перформанси, меѓу другото.

Важна напомена е дека телото не ја препознава разликата меѓу гладување или прескокнување на оброк.

Еве што се случува со нашето тело кога ќе прескокнеме некој оброк:

Метаболизмот се успорува

Најпрво, што е метаболизам? Тоа е процес во телото при кој храната се претвора во енергија. Дури и кога физички не правиме ништо, телото се уште функционира – циркулација на крв, дишење и слично и за овие активности потребна е енергија која се добива од храна.

Прескокнувањето на оброк сигнализира дека телото нема доволно храна или извор на енергија, а телото реагира спуштајќи ја брзината на метаболизмот за да ги сочува изворите на гориво. Телото ќе ги сочува дополнителните калории од следниот оброк за да го избегне недостатокот од извор на енергија.

Во основа, кога метаболизмот ќе се успори, храната која ќе биде изедена не се „користи“ толку ефикасно. Од помош на тоа е консумирањето на избалансирани оброци за метаболизмот во телото да се задржи на нормално ниво.

Прејадување и прекумерна тежина

Кога прескокнуваме некој оброк и сме навистина гладни, нашиот следен оброк се претвора во гозба – ние тежнееме да изедеме што е можно повеќе. Според Националниот институт за здравје, прескокнувањето на оброк ќе не направи погладни кога следниот пат ќе јадеме.

Неколку истражувања го поврзале зголемувањето на телесната тежина со прескокнувањето на оброци (посебно доручекот).

Кога телото е лишено од храна, мозокот ќе се најде во високо ниво на паника во потрага по било каква храна и ќе бара внесување на висококалорична (нездрава) храна.

Во следниот оброк, телото ги чува дополнителните калории од храната како инстинкт за преживување, бидејќи не е сигурно кога повторно ќе добие храна. Дополнителните калории кои не се користат се претвораат во маснотии.

Чувство на бес поради глад

Бесот поради глад е реален, а се јавува затоа што нивото на шеќер во крвта се намалува кога прескокнуваме оброци.

Нашиот мозок функционира на глукоза и кога мозокот не прима доволно горива, го доведува телото во режим на гладување и ослободува хормони на стрес.

Ова е истата причина поради која потешко се фокусираме кога сме гладни. Мозокот има малку горива и донесува одлука околу најдобриот начин како да ја искористи преостаната енергија. Затоа често во тие моменти сме со лошо расположение.

Ако се обидувате да изгубите тежина, задолжително консумирајте вистински порции со здрави оброци во текот на целиот ден, спиете, вежбајте и земајте многу вода. 

Коментирај