Здравје

Што се случува во телото кога ќе престанете да пушите цигари?

12. октомври 2019 - 19:47 | А.С.

Пoвеќе од една милијарда луѓе во светот пушат цигари или друга форма на тутунски производ.

Многу луѓе се обиделе да се откажат од пушењето и да се отарасат од оваа лоша навика, но далеку помал е бојот на оние кои успеале.

Тобијас Ритер, експерт за зависности, објаснува што се случува во телото на еден пушач кога ќе престане да пуши.

По осум часа организмот почнува многу подобро да се снабдува со кислород. По ден-два, повеќето поранешни пушачи пријавиле дека им се „подобрени“ сетилата за мирис и вкус.

По две недели значително се подобрува капацитетот на белите дробови, што особено може да се забележи при вршење физички активности.

Чистење на телото

„Може да се случи да имате почести напади на кашлање отколку претходно. Причината за тоа е чистењето на белите дробови. Ова прочистување трае околу еден месец. По тој месец значително е подобрен и имуниот систем“, вели Ритер.

Во првите три месеци од откажувањето пушачите додека спијат доживуваат т.н никотински кризи. Тоа не придонесува да се будат, но понемирно спијат. По три месеци, сонот повторно се стабилизира.

Пушачка илузија

Една од причините зошто луѓето пак почнуваат да пушат може да биде т.н пушачка илузија, психолошки трик што го прави никотинот: се уверуваме дека пушењето смирува, го намалува стресот и дава кратка „пауза“, оддишка од напнатото секојдневие.

Всушност, секоја испушена цигара го зголемува ризикот од срцев удар и ве прави понервозни.

Коментирај