Ф1

Шумахер е префрлен во Париз за специјална терапија со матични клетки

10. септември 2019 - 10:56 | А.С.

Најуспешниот возач на Формула 1 е хоспитализиран во француската престолнина.

Францускиот весник Le Parisien објави дека легендата на Форула 1 Михаел Шумахер бил префрлен од Швајцарија во Париз за дводневна терапија во болницата „Жорџ Помпиду“.

Германскиот ас е под надзор на познатиот лекар и професор Филип Менаш, експерт за кардиоваскуларна хирургија.

Шумахер треба да биде ставен на специјална терапија со матични клетки што има за цел да му помогне за зајакнување на имунитетот.

Славниот спортист наводно веќе престојувал во болницата во Париз два пати досега, откако пред пет години доживеа тешка несреќа на скијање и доби сериозни повреди на главата.

Оттогаш многу малку се знае за здравствената состојба на најуспешниот возач во историјата на Формула 1 и ниту еднаш се нема појавено пред јавноста. И оние малку информации што „протекоа“ низ годините шпекулираат дека состојбата му е лоша, дека не може да се движи, ни да зборува.

Жан Тод, поранешниот шеф на Ферари и близок пријател на Шумахер, во почетокот на годинава изјави дека откако го посетил Германецот „некои работи засекогаш се сменија“. Тој наведе дека двајцата веќе никогаш нема да го имаат истиот однос „бидејќи ја нема веќе истата комуникација како некогаш“.

„Нештата никогаш веќе нема да бидат исти. Можам само да кажам дека неговото семејство многу добро се грижи за него и дека тој продолжува да се бори“, рече тогаш Тод.

Михаел Шумахер (50) ја доби страшната повреда на скијање на француските Алпи во декември, 2013 година.

Коментирај