Швајцарија, чие население старее и се соочува со зголемени трошоци за живот, денеска одржува референдум за два клучни предлози за пензионерите: исплата на 13-та пензија и зголемување на старосната граница за пензионирање.
Предлогот за постепено зголемување на старосната граница за пензионирање од 65 на 66 години во следните десет години за да се обезбеди целосно финансирање на пензискиот систем, се чини дека е осуден на неуспех. Имено, пред нешто помалку од две години, швајцарските гласачи тесно решија да ја подигнат старосната граница за пензионирање на жените од 64 на 65 години, како што е случајот со мажите.
Последниот предлог доаѓа од подмладокот на десничарската Либерална партија. Но, се чини дека оваа иницијатива нема шанси за успех. Последните анкети покажуваат дека само 35 отсто од испитаниците ја поддржуваат ваквата одлука, а 63 отсто се против.
Што се однесува до 13-тата пензија, швајцарските синдикати изнесоа предлог за воведување дополнителна месечна социјална помош за помош на пензионерите поради зголемените трошоци за живот во богатата алпска земја. Иницијативата, наречена „Подобар живот во пензија“, повикува на исплата на 13-та пензија секоја година, како 13-тата плата што ја добиваат многу работници во Швајцарија.
Анкетите покажуваат дека мнозинството Швајцарци го поддржуваат, иако се чини дека бројот на поддржувачи се намалува и сè уште не е сигурно дека предлогот ќе помине. Месечните социјални бенефиции во Швајцарија може да бидат до 2.450 швајцарски франци за поединци и 3.675 франци за брачни парови.
Тоа можеби изгледа многу, но во земја која е меѓу најскапите во светот не е така. Киријата за просечен двособен стан во швајцарските градови е најмалку 3.000 франци, а кафето чини повеќе од пет франци.
Доколку Швајцарците дадат зелено светло на тој предлог, не би биле први во Европа. Сличен систем со години има и соседниот Лихтенштајн, уште една скапа земја која користи швајцарски франк. Лидерот на швајцарската синдикална федерација (SGB), Пјер-Ив Мајар, кој припаѓа на кампањата „да“, рече дека во земјата „имаме криза на куповната моќ“.
„Животниот стандард на пензионерите паѓа“, изјави тој за AFP.
Со тоа се согласи и пензионерот Јакоб Хаури.
„Трошоците на живот само продолжуваат да растат“, рече тој, жалејќи се дека социјалното осигурување „треба да гарантира минимална плата за живот, но тоа веќе не е така“.
Левичарските партии ја поддржуваат иницијативата, додека десничарските и центристичките партии жестоко се противат, како и швајцарската влада и парламентот.
Владата посочува дека мерката ќе чини повеќе од четири милијарди швајцарски франци годишно, предупредувајќи дека ќе бара зголемување на даноците и може да ја загрози финансиската стабилност на системот за социјално осигурување.
„Ако иницијативата се реализира, многу пензионери ќе добијат 13-та исплата на социјално осигурување иако навистина не им е потребна“, предупреди владата.
За екстремно десничарската Швајцарска народна партија, оваа „неодговорна“ иницијатива ќе им овозможи на паразитите да го искористат системот за социјално осигурување. Најголемата швајцарска партија се обидува да привлече поддршка од гласачите со реклами, вклучително и онаа на која се гледа банкнота од 100 франци.
Се чини дека кампањата има ефект, а последното истражување на јавното мислење, спроведено од gfs.bern за јавниот радиодифузен сервис SSR, покажа дека 53 отсто од испитаниците ја поддржуваат иницијативата, додека 43 отсто се изјасниле дека се против.
Имено, во слична анкета пред неполн месец поддршката за иницијативата изнесуваше 61 отсто. За да помине, иницијативата мора да добие мнозинска поддршка од гласачите, но мора да постигне и мнозинство во најмалку половина од 26-те швајцарски кантони.