Швајцарските репрезентативци кои водат потекло од Балканот нема да смеат да го користат познатиот симбол на натпреварите од Светското првенство во Катар.

Репрезентацијата на Србија на првоаприлската жрепка доби шанса за реванш откако беше извлечена во иста група со Швајцарија. Имено, на Мундијалот во Русија пред 4 години Швајцарците победија со 2:1 и се пласираа во осминафиналето на сметка на Србија, но натпреварот мина во контроверзии откако швајцарските фудбалери со албанско и косовско потекло гестикулираа правејќи го со рацете симболот за двоглав орел, националното обележје на Албанија. Тогаш тоа го направија Гранит Џака и Џердан Шаќири, кои ги постигнаа головите, а дури им се придружи и Штефан Лихтштајнер, кој нема допирна точка со Балканот. Играа уште и Валон Бехрами и Блерим Џемаили. ФИФА тогаш отвори истрага и ги казни играчите со по 10 илјади швајцарски франци.

На швајцарските фудбалски власти тоа уште тогаш не им се допадна бидејќи го сфатија како дека играчите повеќе се идентификуваат со земјите од кои водат потекло, отколку со земјата во која се родени или израснати. Лавина негативни реакции предизвика и меѓу швајцарската јавност и навивачи, кои беа бесни на потегот нма играчите. Но, затоа пак добија огромни симпатии во Албанија, Косово и останатите земји каде живее дел од албанското население.
Челниците на Швајцарската фудбалска федерација донесоа одлука да го забранат албанскиот симбол сѐ со цел да се избегнат нови провокации од страна на нивните репрезентативци, со оглед на тоа што Швајцарија на 2 декември во рамките на 3. коло во групата Г игра против Србија, натпревар кој лесно може да биде одлучувачки за пласман во осминафиналето со оглед на тоа што прв фаворит во оваа група е Бразил. Четвртиот тим во оваа група е Камерун.
„Светското првенство не се состои само од натпреварот со Србија, дури и ако знаеме колку овој натпревар е посебен, со оглед на она што се случи во 2018 година. Не сакаме да ја направиме истата грешка, таму ќе бидеме за да играме фудбал и ништо друго. Не сакаме да праќаме никакви политички или верски пораки. Сакаме да ги претставуваме нашите вредности. Едната од нив е: почит. Да покажеме почитување кон другите мислења. За мене би било грешка ако преку гестикулации некого испровоцираме, без разлика на играта“, вели Пјерлуиџи Тами, поранешен швајцарски фудбалер, а сега тренер кој е член на стручниот штаб на селекторот Мурат Јакн во улога на директор на репрезентацијата.
Швајцарија во Катар ќе биде богата со играчи од Балканот, особено оние со потекло од Косово и Албанија. Освен Шаќири и Џака, кои се сигурни патници, за место на списокот конкурираат и играчи како Ардон Јашари, Кастриот Имери, Анди Зеќири и Албиан Ајети.
„Не би требало да постојат зборови, гестови или било какво однесување кое предизвикува туѓа реакција. Кога навиваме, тогаш ја покажуваме својата радост, тоа е важно. Но, не мораме да бидеме провокативни“, додаде Тами. Тоа значи дека играчите на ова алпска земја ќе добијат инструкции како да не ги прославуваат головите.