Живот

Шведска е најдобро место за живеење за жени

19. март 2017 - 12:00 | А.С.

Според најновото годишно истражување, најдобра земја за живеење за жените е Шведска.

Додека другите земји се мачат да ги обезбедат основните услуги, Шведска го освои овој статус пред сѐ благодарение на прогресивните ставови за родовата рамноправност.

Шведската министерка за родова рамноправност Асa Регнер вели дека земјата не случајно е на првото место и дека овој успех се должи на неколку фактори.

Шведска има највисока стапка на данок на приход за физички лица, а според Регнер тоа е една од причините зошто земјата е најдобро место за живеење за жените.

„Тоа е техничка работа. Од 1971 година наваму вршиме индивидуално даночење. Без разлика дали живеете сами или сте во брак, социјална помош ќе примате на основа на индивидуалните потреби, а не на заедничките потреби на вашето семејство“, рече Регнер за „Business Insider“.

Покрај тоа, Шведска има највеликодушна политика за родителско отсуство на светот. Родителите добиваат 480 дена за себе и партнерот кога ќе родат или посвојат дете, а може да го искористат додека детето не наврши осум години.

Покрај тоа, татковците добиваат 90 дена само за нив.

Регнер објаснува дека Шведска е ослободена од притисокот што е присутен во другите држави каде работодавачите поретко вработуваат жени бидејќи сметаат дека ќе ја остават работата кога ќе добијат деца или имаат проблеми да ја одржат старата плата кога ќе се вратат од родителско отсуство.

Законите во Шведска предвидуваат еднаква плата за еднаков труд. Во 2008 година земјата го донесе Законот против дискриминација со кој се бара од компаниите што имаат 25 и повеќе вработени секоја година да прават анализа на платите за мажите и жените вработени. Според овој закон, компаниите со голема разлика во платите на родова основа плаќаат големи казни ако не преземат мерки за намалување на јазот.

Шведска исто така има една од најголемите застапености на жени во Парламентот на светско ниво: во 2015 година на чело на главните државни установи имало 82 жени и 90 мажи.

Коментирај