Шведската влада предложи државни заеми и гаранции за цената на струјата за да им помогне на компаниите да ја финансираат изградбата на четири нови нуклеарни централи.
На Шведска може да ѝ бидат потребни дури десет нови големи нуклеарни реактори до 2045 година, бидејќи транспортот и транзицијата на индустријата од фосилните горива и побарувачката за електрична енергија ќе се зголеми на околу 300 терават часови во следните 20 години од 135 терават часови во 2023 година, предупреди владата.
Приватниот сектор во моментов не покажува голем интерес за инвестирање во нуклеарни централи, стравувајќи од рентабилноста, па Владата се помири со фактот дека ќе мора да преземе дел од трошоците, кои според прелиминарните студии треба да се мерат во десетици милијарди долари.
Затоа Стокхолм има намера да привлече приватни инвестиции преку државни заеми и субвенционирање на цените на струјата, што треба да ги зголеми приходите на производителите, без да сака да даде конкретни бројки.
„Поддршката ќе биде ограничена, внимателно измерена и одговорна“, рече министерот за финансиски пазари Никлас Викман како одговор на владиниот предлог, истакнувајќи дека нивната цел, по долга пауза, е да поттикнат изградба на нови нуклеарни реактори. Оценивме и дека преку таков механизам ќе добиеме дозвола од Европската комисија за субвенции“, додаде шведскиот министер.
Компаниите ќе можат да поднесуваат барања за кредити веќе во август годинава, најави Владата.
Државното претпријатие се надева дека ќе изгради нов нуклеарен реактор до средината на 2030-тите и има намера внимателно да го проучи предлогот на владата. Постојните нуклеарни реактори во Шведска се изградени во 1970-тите и 1980-тите, забележува Reuters.
Финската комунална компанија Fortum претходно оваа недела објави дека изградбата на нови нуклеарни централи не е комерцијално исплатлива без државна поддршка.