Шведската Влада нема да препорача вакцинирање за коронавирусот на децата под 18-годишна возраст, бидејќи шведските експерти сметаат дека децата го пренесуваат вирусот на ограничен начин, па затоа не им е потребна вакцината.
Од друга страна, шведските здравствени власти им ја препорачуваат вакцината на возрасните, особено на оние кои се од ранливите групи и на постарите лица, пренесе CNN.
Главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел објасни дека Шведска работи според принципот на доброволна вакцинација, а тоа беше случај и за време на минатите пандемии, кога беа вакцинирани голем број луѓе.
-Веројатно го имавме најголемиот процент на вакцинирани лица во светот. На почетокот нема да биде најрелевантно да се вакцинираат децата, туку оние кои се ризична група – постарите лица и оние кои работат со нив, рече Тегнел.
Стратегијата за стекнување на имунитет на стадо којашто ја користат Швеѓаните во борбата против коронавирус, а која многумина ја критикуваа, бележи сè подобри и подобри резултати.
Останатите европски земји се подготвуваат за вториот бран.
Иако имунитетот на населението и натаму е под стандардното ниво од 60 проценти, ова е доволно ефикасно за да се победи епидемијата на COVID-19 во Шведска, вели еден од најпознатите епидемиолози во Данска, професорот Ким Снепен од Институтот Нилс Бор во Копенхаген.