Свет

Си Џинпинг на Трамп: Внимавај на зборовите со Пјонгјанг

12. август 2017 - 11:05 | Макфакс

Кинескиот претседател Си Џинпинг го повика американскиот претседател Доналд Трамп да избегнува „зборови и дела“ кои би ја влошиле напнатата ситуација на Корејскиот полуостров.

Во телефонски разговор со Трамп, Си истакнал дека Кина и САД имаат заеднички интерес во реализацијата на денуклеаризација на Корејскиот полуостров и одржување на мирот и стабилноста на тоа подрачје, пренесува АФП, повикувајќи се на кинеска телевизија.

Според кинескиот претседател, севернокорејското нуклеарно прашање бара мирно решавање и САД како „релевантна страна“, треба да покаже воздржаност. Тој нагласил дека Кина е подготвена да одржува комуникација со САД на база на заемно почитување во изнаоѓањето на задоволително решение. Двајцата лидери истакнале дека се радуваат на посетата на Трамп на Кина подоцна оваа година.

„Во овој момент кинеско-американските односи се развиваат добро“ изјавил Трамп, нагласувајќи дека тие односи би можеле да бидат и подобри

Пекинг претходно изрази загриженост поради ексалацијата на „војната на зборови“ меѓу Вашингтон и Пјонгјанг. Трамп вчера уште повеќе ја засили реториката, предупредувајќи ја Северна Кореја дека „вистински ќе зажали“ ако преземе било каква непријателска акција против САД, а на Твитер порача дека „американската војска е подготвена“.

Кина е традиционално најблизок сојузник на Пјонгјанг, но минатиот викенд гласаше за нови санкции против севернокорејскиот режим на лидерот Ким Јонг Ун.

Коментирај