Летната сицилијанска паста со леблебии и песто од рукола и ореви е многу ароматична, вкусна и лесна за подготовка.
Оваа паста е погодна и за вегетаријанци, но и за сите што сакаат еден ден да одморат од месо. Вкусна е и ароматична благодарение на досетливите Сицилијанци.
Потребни состојки:
- 320 гр пене*
- 50 гр рукола
- 40 гр ореви
- маслиново масло
- ½ чешне лук
- сушени чери домати
- 150 гр леблебии
- сол
*Паста пене се оние тестенини во форма на цилиндар чии краеви се исечени дијагонално. Може да користите и друг вид паста, но оригиналниот рецепт вели пене.
Подготовка:
Прво во блендер ставете ги руколата, оревите и исчистениот лук. Додадете сол и околу 50 гр екстра девствено маслиново масло и блендирајте додека не добиете светло зелен крем, односно песто.
Во тенџере сварете вода, па додадете сол и пене и варете 14 минути. Доколку користите друг вид паста погледнете на пакувањето колку минути треба да се вари.
Исцедете ја пастата од водата и помешајте ја со пестото, па додадете варени леблебии и сушени чери домати.