Глобалната продажба на електрични и plug-in хибридни возила се зголеми силно во јуни, но поскромно од претходниот месец, што укажува на стабилизација по флуктуирачката побарувачка во првата половина од годината, при што Кина игра клучна улога, покажа компанијата за истражување на пазарот Rho Motion.
Во јуни ширум светот се продадени 1,4 милиони електрични и plug-in хибридни возила, 13 отсто повеќе од истиот месец минатата година, пресмета Rho Motion.
Така, темпото на раст се стабилизираше блиску до нивото од почетокот на пролетта, по речиси 20 отсто скок во мај и април и нагло забавување во февруари, изразено во стапка на раст од само три отсто. Продажбата во Кина падна за 12 отсто во февруари поради новогодишните празници, за да продолжи брзиот раст на пролет.
Кина учествуваше со повеќе од 60 отсто од глобалната продажба во јуни, истакна експертот за податоци за Rho Motion, Чарлс Лестер, и 25 отсто повеќе продадени возила отколку во истиот месец минатата година.
Продажбата во Европа падна за седум отсто, а најголемо намалување има во Финска, Ирска и Холандија. Во Италија, сепак, скокна за 34 отсто благодарение на државните субвенции, според Лестер.
Во САД и Канада се продадени шест отсто повеќе електрични возила отколку во јуни минатата година.
Бразил се истакна со три пати поголем број продадени возила отколку во јуни 2023 година, благодарение на кинескиот BYD.
„Комплетната слика покажува дека растот на индустријата во 2024 година нема да биде толку амбициозен како што многумина се надеваа, па затоа ја намаливме нашата прогноза за продажба за пет проценти, на 16,6 милиони електрични автомобили“, вели експертот на Rho Motion.
Според пресметките на Rho Motion, минатата година биле продадени вкупно 13,3 милиони електрични автомобили, 31 отсто повеќе отколку во 2022 година.