Иранецот Мохамад Али Саламат, кој беше осуден за силување на околу 200 жени во последните две децении, беше јавно егзекутиран.
Саламат, 43-годишен фармацевт и сопственик на теретана од Хамедан, беше обесен на гробишта вчераутро откако Врховниот суд на Иран ја потврди неговата смртна казна изречена на почетокот на октомври, пренесе AP.
Саламат е обвинет за силување на околу 200 жени во изминатите 20 години, а изворите велат дека тој нападнал многу од своите жртви откако им предложил брак или ги канел на состаноци.
Како што пренесуваат локалните медиуми, тој во неколку случаи силувал жени, а потоа им давал апчиња за абортус, кои се нелегални во Иран.
Саламат беше уапсен во јануари, а стотици луѓе потоа се собраа пред судските институции во Хамедан, барајќи смртна казна.
Според извештајот на ОН, Иран е меѓу земјите со најголем број егзекуции, што наиде на осуда од меѓународните организации за човекови права.