Тиаго Силва не може да се помири со фактот дека Бразил по изведувањето пенали беше елиминиран од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.

Капитенот на бразилската репрезентација на Instagram напиша долга објава за нивниот настап на турнирот на кој беа првиот фаворит за освојување на светската титула.
„Немам поим колку пати размислував и се обидов да напишам нешто за она што го доживеавме на Светското првенство. Сè уште не можам да прифатам или да разберам како бевме елиминирани. Најпрво му благодарам на Бога, на моето семејство, на мојата сопруга, на децата, тимот од професионалци кои се со мене секој ден, тренираат и ми помагаат да живеам и да го остварам мојот сон да продолжам да играм на високо ниво.
Мојот детски сон да станам фудбалер и неговото остварување секогаш ќе ми носи радост, а верувам дека е исто и за оние кои ме сакаат и што го работам. Секогаш играме размислувајќи за победи и титули, но и губењето е дел од фудбалот“, напиша 38-годишниот одбранбен играч на Бразил и Челси.
Да потсетиме, регуларниот дел од натпреварот Хрватска - Бразил заврши 0:0. Нејмар ги доведе Бразилците во водство во судиското надополнување на првото продолжение, но Бруно Петковиќ израмни во 117-та минута. Сите хрватски изведувачи на пенали беа прецизни, додека Родриго и Маркињос промашија за противничкиот тим.
„Срцето ми крвари од интервјуто по мечот со Хрватска, но убеден сум дека турнирот го одработивме достоинствено. Сите ние, играчите и персоналот. Можеби немам право да жалам долго време затоа што и во моите најдобри детски соништа никогаш не мислев дека ќе дојдам до овој момент, ќе играм на четири светски првенства и ќе го носам и бранам најтешкиот дрес на светот.
Не можам да замислам поголема гордост од оваа. Тоа е и секогаш ќе биде мојата најголема гордост. Исто така, благодарност до навивачите кои беа таму, како и до оние во Бразил кои цело време не бодреа.
Продолжете да ја поддржувате и верувам во бразилската репрезентација, која останува во моето срце и има повеќе од посебно место во мојот живот“, заклучи Силва, за кого ова беше последно Светско првенство и кој одигра 117 натпревари за националниот тим, погодувајќи три гола.