Фудбал

Симеоне за Торес: Никогаш не му дадов ништо, но сега неговиот сон се оствари

17. мај 2018 - 9:43 | К.З.

Вчера Атлетико Мадрид го подигна трофејот во Лигата на Европа, а Диего Симеоне мораше да ја гледа играта на неговиот тим од трибините бидејќи ја отслужуваше суспензијата која му ја наметна УЕФА.

Атлетикот Мадрид го победи Олимпик Марсеј дури и полесно од очекувањата, со краен резултат 3:0 и ја збогати колекцијата на трофеи со уште една европска титула.

Херој на „Јорганџиите“ беше Антоан Гризман, кој постигна 2 гола во вчерашниот натпревар и го реши натпреварот уште пред капитенот Габи да го постигне третиот гол и да го постави конечниот резултат. Веднаш по натпреварот европските медиуми го „преселија“ Гризман во Барселона, од каде постои огромен интерес за Французинот.

„Тој не мораше ништо да докажува, ни докажа сѐ во тек на овие неколку години. Само уште еднаш го потврди она што го знаев. Се надевам дека е среќен и дека ќе остане со нас“, рече Симеоне за Гризман по крајот на натпреварот.

Меѓутоа, додека на теренот главното име на Атлетико Мадрид беше Антоан Гризман, кај навивачите се славеше името на Фернандо Торес. Легендата на шпанскиот клуб го одигра последниот европски натпревар во дресот на Атлетико Мадрид и по толку години љубов помеѓу него и Атлетико, тој конечно го освои првиот трофеј во црвено-белиот дрес.

„Нему никогаш не му дадов ништо. Со освојувањето на Лигата на Европа неговиот сон се исполни и се надевам дека нашите навивачи ќе експлодираат оваа недела. Тој е фасцинантно момче. Сѐ што постигна, го постигна со лично свој труд“, изјави Симеоне за Фернандо Торес, со кого беше соиграч додека Шпанецот првпат играше во Атлетико Мадрид пред да замине во Англија.

Коментирај