Тенис

Симона Халеп ја изненади Серена Вилијамс и стана шампионка на Вимблдон

13. јули 2019 - 16:40 | К.З.

Романската тенисерка Симона Халеп е херојка на денот, откако денеска во финалето од турнирот Вимблдон ја порази големата фаворитка Серена Вилијамс. Со тоа, Симона стана првата Романка што го освоила најпрестижниот тениски турнир во светот.

Седморангираната тенисерка на ВТА листата апсолутно доминираше во финалето и со 2:0 (6-2, 6-2) ја победи Серена Вилијамс, која иако е рангирана на 10-тото место на ВТА листата, во финалето влезе како фаворитка за освојување на турнирот.

Првиот сет започна во знак на Халеп, која поведе со 3:0 благодарение на брзиот брејк на сервисот на Серена. Сетот го освои со 6:2, дозволувајќи ѝ на Серена само два гема и во вториот сет Романката влезе многу самоуверено.

Вилијамс изгледаше подобро на почетокот на вториот сет, но сепак Халеп силно издржа до крај и одговори на притисокот и моќниот сервис на Серена. Резултатот повторно беше 6:2.

Ова беше прв трофеј од Вимблдон за Симона Халеп, додека Серена Вилијамс го забележа вториот последователен пораз во финалињата на англискиот турнир откако минатата година неа ја победи Германката Анџелика Кербер.

Коментирај