Најбрз интернет на светот има во Сингапур, на листата од 189 земји опфатени во едно најново истражување, додека Македонија е на 59 место.
Во Македонија, со просечна брзина од 7,34 mbps треба 2 часа, 19 минути и 28 секунди за да се „симне“ филм во Full HD, додека во Сингапур нецели 19 минути, а во Јемен повеќе од два дена, објави британскиот веб-сајт cable.co.uk врз основа на анализата на податоци на истражувачката група M-Lab.
На листата Унгарија се пласира на 15 место, Романија на 18, Словенија на 25, а Бугарија на 27. Србија е на 41, а Хрватска веднаш над неа на 40 место со брзина на интернетот од 12,57 Mbps.
Зад нас по брзина на интернетот се Босна и Херцеговина на 61, Црна Гора на 71 и Албанија на 78 место, според тестирањата.
Во текот на изминатите 12 месеци заклучно со 10 мај ширум светот биле направени над 63 милиони тестирања на брзината на интернетот.
Тестирањата покажаа дека најбрз интернет има Сингапур, во просек 55,13 Mbps, што е доволно за преземање на филм од 7,5 GB во Full HD со највисок квалитет за 18 минути и 34 секунди. Истиот филм во Јемен би се симнувал со брзина од само 0,34 Mbps за повеќе од два дена.
Шведска, Тајван, Данска и Холандија имаат просечна брзина од 30 Mbps, што според британската регулаторна агенција за телекомуникации Ofcom го дефинира како „супербрзина“.
Во 139 земји има просечна брзина од под 10 Mbps, што според Ofcom е минималната брзина што може да одговори на потребите на едно типично семејство.