Фудбал

Синиша Михајловиќ објави дека боледува од леукемија

14. јули 2019 - 10:09 | К.З.

Српскиот тренер Синиша Михајловиќ вчера објави дека му била дијагностицирана акутна леукемија и поради тоа е можно да се повлече од клупата на Болоња. Тој ја соопшти неговата одлука на прес-конференција пред почетокот на претсезонскиот тренинг на тимот.

Михајловиќ (50) напомена дека дознал за болеста неодамна, кога му биле извршени детални прегледи како подготовка за претстојната сезона во Серија А.

„Кога ми кажаа, бев во голем шок. Поминав два дена во мојата соба, плачејќи...но тоа не се солзи од страв, бидејќи знам дека ќе победам. Секогаш играм за да победам, како во фудбалот така и во животот“, изјави Михајловиќ.

Србинот потенцираше дека леукемијата е од тип кој може да се излечи и најави борба со сите сили против тешката болест.

Со оглед на тоа што неговиот татко почина од рак, Синиша редовно прави здравствени тестови со цел да се заштити. Докторите му рекле дека иако е редовно на прегледи, можело да се случи да не ја забележи леукемијата уште една година.

Генералниот менаџер на Болоња, Валтер Сабатини, најави дека Михајловиќ ќе остане тренер на тимот, без разлика на тоа што ќе се случува во наредните денови.

Коментирај