Фудбал

Сѐ поблиску до суспензија: УЕФА го отвори случајот против Манчестер Сити

16. мај 2019 - 12:00 | К.З.

Лигата на шампионите наредната сезона би можела да остане без англискиот првак Манчестер Сити, откако денеска УЕФА потврди дека и официјално го отвора случајот против клубот, во кој се тврди дека „граѓаните“ ги прекршиле правилата на Финансискиот фер плеј (ФФП).

УЕФА го предаде случајот на нивното Тело за финансиска контрола, кое е подготвено да покрене дисциплинска постапка против Сити. Од раководството на клубот од Манчестер негираат дека постојат финансиски нерегуларности во нивното работење.

„Телото за финансиска контрола (ЦФЦБ), по интерна консултација на членовите, одлучи дека случајот на фудбалскиот клуб Манчестер Сити ќе биде претставен пред процесната комора на ЦФЦБ, со цел да се дојде до заклучок околу истрагата“, пишува во соопштението на УЕФА.

Случајот против Манчестер Сити беше отворен на 7 март оваа година, кога УЕФА и официјално почна да истражува дали клубот навистина ги прекршил правилата на Финансискиот фер плеј. УЕФА одлучи да не дава официјална изјава со став за случајот, сѐ додека тој не биде решен.

„Манчестер Сити е разочаран, но не и изненаден поради ненадејното отворање на случај против финансиското работење на клубот. Ние сме сигурни дека исходот ќе биде позитивен за нас доколку случајот го надгледува независно судско тело“, пишува во официјалниот став на Манчестер Сити.

Според нив, извештајот е базиран на грешки и недоразбирања околу економската политика и финансиското работење на клубот. Иако има почит за одлуката на УЕФА, Манчестер Сити реши да го третира случајот како „непријателски“ кон клубот.

Коментирај