Гејминг

Сѐ што знаеме досега за Sony PlayStation 5

23. мај 2019 - 19:39 | К.З.

Како што поминуваат месеците, доаѓаме сѐ поблиску до крајот на четвртата генерација на гејминг конзолата на Sony. Уште во 2018 година беше потврдено дека компанијата работи на нова генерација, а оттогаш на јавноста ѝ беа откриени неколку детали за уредот кој (барем засега) е наречен PlayStation 5.

Во изминатите неколку месеци почнаа да се појавуваат повеќе детали, Sony споделуваше детали за новата конзола, а неодамна ја покажа и нејзината брзина. Епа, да сумираме: Што сѐ знаеме за PlayStation 5?

Кога ќе се појави на пазарот?

Иако постојат некои претпоставки, сепак не постои официјален датум за премиерата на PlayStation 5. Sony потврди дека конзолата нема да пристигне на пазарот оваа година, но исто така не потврди дека таа ќе биде претставена во 2020 година. Претходните генерации беа претставувани во ноември, така што може само да се надеваме дека наредниот ноември оваа конзола ќе биде достапна за купување.

Цена

Исто како и за датумот, Sony реши дека нема да изнесува детали околу цената додека не биде сигурен каков производ ќе претстави на јавноста. Првичните шпекулации наведуваа кон многу повисока цена од онаа на која сме навикнави од Sony, но таа веројатно ќе се стабилизира околу 399-499 долари.

Спецификации

Во интервју со Wired, Марк Черни од Sony вети дека PlayStation 5 ќе поддржува видео со 8К резолуција, 3D аудио, супербрзи хард-дискови, како и компатибилност со веќе излезените игри за PlayStation 4. Покрај тоа, Черни најави дека PS5 ќе има осумјадрен процесор од компанијата AMD, кој би требало да донесе вистинска револуција во гејмерската индустрија.

Игри

Како и за сите горенаведени категории, ништо не е официјално, но Sony потврди дека неколку компании веќе работат на нови игри за петтата генерација од оваа конзола. Помеѓу нив би можеле да се најдат наслови како „Last of Us Part II“, „Ghost of Tsushima“, „Death Stranding“ и многу други.

Покрај сите овие најави, Sony потврди дека новиот PlayStation 5 ќе пристигне заедно со нов, усовршен cloud систем, нова дигитална галерија и можност за виртуелна реалност.

Коментирај