Останати спортови

Скандал во МОК: Рио и Токио со поткуп ја добиле организацијата на ОИ

11. март 2017 - 10:41 | Макфакс

Француските обвинители покренаа истрага против шест членови на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), меѓу кои е и легендарниот спринтер од Намибија, Френки Фредерикс, под сомнение дека за доделување на организацијата на големи меѓународни настани примале поткуп.

Неименувани извори кои се блиски до истрагата, наведуваат дека под истрага на обвинителите се доделувањето на домаќинствата на светските првенства во атлетика кои се одржаа во Москва и Пекинг, но и домаќинствата на трите наредни светски првенства во атлетика годинашното во Лондон, односно оние кои ќе се одржат во Доха во 2019 и во Јуџин во 2021 година.

Втората истрага е фокусирана на доделувањето на организацијата на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 и Токио во 2020 година.

Пред три дена Фредерикс поднел оставка на функцијата, претседател на одборот за евалуација на кандидатурите за Олимписките игри во 2024 година.

Покрај Фредерикс, меѓу осомничените се и поранешниот претседател на Интернационалната атлетска федерација Ламине Диак, кој веќе се наоѓа под истрага поради допинг скандалот со руските спортисти, како и неговиот син Папа Масата Диак. 

Коментирај