Правилната исхрана е основа за здрав живот, а доколку сакате да го зачувате вашето срце во својата исхрана внесете јаткасти плодови.

Истражувањето на научници од Шведска и Норвешка потврди дека секојдневното консумирање јаткасти плодови може да биде добро за срцето.
Консумирањето една рака или 30 грама јаткасти плодови дневно е поврзано со пониски нивоа на холестерол и помал ризик од кардиоваскуларни болести.
Исто така, наведуваат и дека редовното консумирање на јаткасти плодови за четвртина го намалува ризикот од смрт поради срцев или мозочен удар. Меѓутоа, истакнуваат дека малкумина ја јадат оваа количина јаткасти плодови на дневна база.
Истражувачите прегледале 60 студии, во кои учествувале 1,9 милиони учесници, за да утврдат дали постои врска помеѓу консумирањето јаткасти плодови и ризикот од кардиоваскуларни болести, срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес тип 2.
Резултатите покажуваат дека луѓето кои консумирале многу јаткасти плодови, околу 30 грама дневно, имале 19% помали шанси да заболат од кардиоваскуларни болести и 23% помали шанси да умрат од тоа во споредба со оние кои јаделе помали количини и намирници.
„Ако јадете една шака јаткасти плодови секој ден, што е околу 30 грама, ќе имате 20 до 25% помал ризик од кардиоваскуларни болести“, вели Ерик Арнесен, еден од авторите на студијата.
Оние што секојдневно консумирале јаткасти плодови имале 18% помали шанси да страдаат од срцеви заболувања и 25% помали шанси да умрат од нив.