Авто новости

Škoda полека ја открива замената за моделот Rapid

9. октомври 2018 - 14:38 | М.Д.

Иако Škoda дури минатата недела на саемот на автомобили во Париз го претстави концептот Vision RS, кој ја најавува замената за моделот Rapid, сега почнаа да пристигнуваат и тајни официјални фотографии од серискиот модел.

За овој модел, секако, не се познати многу работи, бидејќи Škoda објави само тизер фотографија, според која можат да се претпостават пропорциите и основната форма на новиот компакт кој во новата генерација ќе ги замени двете каросериски верзии на Rapid кои се сега достапни.

Škoda барем засега не сака да открива многу информации и детали за својот нов модел, меѓутоа потврдија дека ова ќе биде првиот модел од оваа марка кој ќе биде базиран на MQB A0 платформата на Volkswagen.

Од Škoda потврдија дека наследникот на Rapid дизајнерски ќе биде базиран на концептот на моделот Vision RS. Исто така, многу е извесно дека дополнително ќе добие и своја спортска RS верзија, која ќе има хибриден погон кој ќе располага со повеќе од 200 коњски сили.

Иако засега нема информации за името на новиот компакт од Škoda, сигурно е дека името Rapid ќе биде отфрлено за новиот модел да се дистанцира од скромниот претходник.

Коментирај