Десетици илјади години ниту едно дрво не пораснало на Фолкландските Острови. На овие острови во јужниот дел на Атлантскиот Океан има само ниска вегетација. Затоа вниманието го привлече археолошкото откритие на остатоци од дрвја, 6 метри под површината на земјата.
Во 2020 година, професорката по физичка географија на британскиот Универзитет „Саутемптон“, Зои Томас, беше на теренска работа на островите, кога една пријателка ја информираше дека се ископани дрвја на градилиштето.
„Мислевме дека е навистина чудно затоа што една од работите за Фокландите што сите ја знаат е дека таму не растат дрвја. Многу е ветровито и неплодно“, рече Томас, која беше главен истражувач.
Фолкландските Острови се прекуморска територија на Обединетото Кралство, кое водеше кратка војна против Аргентина во 1982 година поради овие острови. Британците победија во таа војна, но Аргентина продолжува да полага право на нив, кои таа ги нарекува Малвински Острови.
Томас и нејзините колеги пронашле големи парчиња дрва. Според неа, остатоците биле толку добро сочувани што изгледале како некој да ги направил. Откако ги пронашле дрвјата, се запрашале колку стари всушност се.
Присуството на фосилизирани дрвја сугерира дека островот некогаш бил област со умерена прашума, драматично различен екосистем од денес. Но, приказната за скриената шума датира подалеку отколку што првично мислеа истражувачите. Имено, од анализата на дрвјата е заклучено дека се стари меѓу 15 и 30 милиони години.
Откривањето на овие дрвја покажува дека климата на Фолкландските Острови мора да била повлажна и потопла отколку што е денес.
Не е јасно зошто дрвја сè уште не растат на Фолкландските Острови, познати и како Малвински Острови, бидејќи растат на иста географска ширина во Јужна Америка. Истражувачите претпоставуваат дека причината за тоа се силните ветрови и киселата почва богата со тресет, пишува CNN.