Хардвер

Смартфон технологија од хартија

19. мај 2017 - 8:48 | Л.Е.

Кина уверува дека хартијата може да се користи при изработка на смартфони чии екрани ќе можат да се виткаат. Со ова се верува дека во иднина хартијата ќе ги замени неразградливите материјали кои се користат при изработка на екраните.

Хартијата претставува многу поприфатлива опција, биоразградлива е и лесно се произведува.  Единствениот  проблем е тоа што хартијата не е проводник на електрична енергија. Истражувачите од технолошкиот институт при универзитетот на Јужна Кина пронашле решение на овој проблем со тоа што ја потопиле хартијата во јонски гел, кој всушност е направен од течни соли.

Јонскиот гел е добро решение на овој проблем бидејќи содржи атоми и молекули во кои бројот на електроните не е еднаков со оној на протоните, па така овозможува производство на негативни или позитивни електрични полнежи.

Кинеските научници поставуваат тенок слој кој може да произведува електрицитет помеѓу два листа потопени во овој гел. На тој начин произведуваат хартија која е електричен проводник и која според нивните истражувања е доста трајна.

Според нивните проценки, еден метар квадратен би можел да чини дури 1 долар и 30 центи, а во една минута може да се произведе до 30 метри од оваа хартија што се должи на едноставната постапка за произведување.

Првата компанија која во моментов најави изработка на телефони со екрани кои се виткаат е корејскиот гигант Samsung.

Коментирај