Крис Смолинг се надеваше на трофејот од италијанскиот куп, но неговата Рома синоќа доживеа елиминација од Јувентус.
Дефанзивецот кому ова му е прва сезона во Италија полеку излегува од трката за трофеите. Рома уште на почетокот од сезоната не е во игра за Скудетото, а сега отпадна и од Копа Италија. Им остана само Лига Европа.
„Многу сум разочаран. Имавме две куп натпреварувања, а сега имаме само едно. Деефинитивно ова е разочарување. На моменти игравме добро, имавме посед, но не го кортистевме тоа. Приказната овој пат беше немилосрдност - тие беа немилосрдни, ние не“, рече Смолинг.
Јувентус уште во првите 45 минути им даде три гола и го реши патникот во полуфиналето. Смолинг одигра 90 минути во одбраната кој трипати капитулираше и тоа од Кристијано Роналдо, Родриго Бентанкур и Леонардо Бонучи.
„Мора да продолжиме да се подобруваме. Секој натпревар гледаме дека има подобрување и затоа работиме напорно на тренинзите. Едноставно ни е потребна целосна посветеност. Овој пат, како и на претходниот натпревар против нив, имавме контрола на голем дел од играта, но мора да склопиме сѐ заедно и да бидеме понемилосрдни. Тоа е разликата“.
Рома за десет дена втор пат губи од Јуве. Претходно во Серија А изгуби со 1:2 пред своите гледачи. Затоа пак в недела ја чека големото Дерби дела Капитале со вечниот и лут ривал Лацио.
„Разочарани сме, но таа разочараност веднаш завршува бидејќи сега сѐ се врти околу дербито. Дербито зборува само за себе, но воедно има и огромно значење за нашата позиција на табелата и намалување на разликата во борбата за местата кои водат во Лигата на шампиони“, заврши Англичанецот.