Свет

Сноуден: „Мајката на сите бомби“ уништи комплекс финансиран од ЦИА

16. април 2017 - 12:04 | Kајгана/Макфакс

„Тунелите во Авганистан што ги користат муџахедините на Исламската држава, а кои беа цел на американското бомбардирање, се направени со помош на ЦИА“, тврди Едвард Сноуден.

На Twitter Сноуден објави дека бомбардираните тунели се платени од Американците, и прикажа исечок од весникот „Њујорк тајмс“ во кој се наведува дека тунелите во непристапен дел во Авганистан ги финансирала ЦИА за да се изгради комплекс за муџахедините за време на војната со СССР.

Во текстот пишува дека во изградбата учествувала градежната фирма на таткото на Осама бин Ладен, подоцна лидер на Ал Каеда. Се споменува и дека Бин Ладен сам управувал со булдожер со кој се пробивани тунелите.

Американската армија врз тие тунели ја фрли најголемата ненуклеарна бомба направена некогаш, т.н. „мајка на сите бомби“. Нападот беше извршен во договор со властите во Авганистан и притоа загинаа 94 припадници на ИД.

Во друг твит, Сноуден наведува дека „бомбата фрлена среде пустелија во Авганистан, чинела 314.000.000 долари“, за што како доказ прикачил линк до текст од „Лос Анџелес тајмс“ од ноември 2011 година, во кој се наведува дека американската војска нарачала 20 бомби од типот GBU-57A/B (MOP) од компанијата „Boeing“.

Сепак, бомбата исфрлена во Авганистан е од типот GBU-43/B (MOAB), чиј производител е „McAlester Army Ammunation Plant“ од Оклахома, и според достапните податоци, чини 16 милиони долари. 

Коментирај