Тетовски Љуботен е освојувач на овогодинешниот Куп на Македонија во женска конкуренција откако денеска на стадионот „Зоран Паунов“ во Велес со минимални 1:0 ја совлада Саса.
Финалето беше рамноправно. Двете екипа имаа шанси, но или не ги реализираа, или голманките беа на место. Резултатот гласеше без голови и откако истече 90-тата минута, по што следуваше 6-минутно судиско надополнување.
Во 3. минута од надополнувањето Љуботен изведе корнер од левата страна. Александра Марковска застана крај топката и кога сите очекуваа нафрлување во шестнаесетникот, таа шутна директно в гол со ефе, а бразилската голманка на тимот од Македонска Каменица, Рената Бруна Ферејра да Силва, несмасно интервенираше и тетовчанките дојдоа до „златен“ гол.
И лани овие две екипи го играа куп финалето, а тогаш Љуботен со убедливи 4:0 ја совлада Саса на стадионот во скопската населба Ѓорче Петров. Така, за клубот формиран 1919 година, кој женска екипа има од 2017 година, ова е втора куп титула.