Поранешниот аргентински репрезентативец Фернандо Гаго е нов тренер на Бока Јуниорс, објави клубот во кој Гаго ја започна својата кариера пред дваесет години.
„Фернандо знае дека овде е дома и многу сме среќни што е тука“, изјави претседателот на клубот Хуан Роман Рикелме.
Гаго на 38 години во Бока доаѓа од мексиканскиот клуб Чивас Гвадалахара, а на клупата на аргентинскиот клуб ќе го замени Диего Мартинес, кој пред неколку недели поднесе оставка по просечната сезона.
Гаго ќе дебитира в сабота против Тигре, во аргентинскиот шампионат во кој Бока е на десеттото место на десет кола до крајот, со 12 бода помалку од лидерот Велез.
Поранешен репрезентативец на Аргентина, Гаго ја започна својата кариера во Бока Јуниорс во 2004 година, пред да потпише за Реал Мадрид, со кого двапати ја освои титулата во шпанската лига. Во кариерата играше и за Рома и Валенсија пред да се врати во Аргентина, во Бока (2013-2019), а потоа и во Велез, каде ја одигра последната сезона во кариерата во 2020 година.
Гаго одигра 61 натпревар за Аргентина и се појави во финалето на Светското првенство во 2014 година кога Германија го освои шампионатот.