Додека истражувале стар палимпсест научници успеале да откријат изгубен дел од превод на библиски текст. Со помош на УВ светло бил откриен дел од стари сириски преводи што датираат од III век.

Научници од Австрија објавија дека со помош на УВ светло откриле скриено поглавје од библиски текст кое датира од пред 1750 години. Станува збор за сириски превод на 11 и 12 поглавје од Евангелието по Матеј кое се наоѓало под три слоја на ракописи.
„Традицијата на сириското христијанство познава неколку преводи на Стариот и Новиот завет. До неодамна се знаеше дека само два ракописа содржат старосириски превод на евангелието“, вели Григориј Кесел од Австриската академија на науките.
Пергаментот во средниот век не бил лесно достапен материјал, поради што старите ракописи често биле бришени и над нив бил пишуван нов текст - ова се нарекува палимпсест. Токму тоа се случило и во овој случај, кога некој писар во Палестина избришал сириски текст стар неколку века. Според некои проценки потекнува од III век, а над него бил напишан нов текст во VI век.
Истражувачите што работеле на овој проект тврдат дека ракописот е познат уште од средината на XX век, но дека бил повторно откриен во 2010 година - за деценија подоцна конечно да биде и дигитализиран. При дигитализацијата биле користени и УВ светла за детално да се истражи секој детаљ, што и довело до откритието.
Новооткриената верзија е текст од 11 и 12 поглавје од Евангелието по Матеј, што првично било дел од стари сириски преводи. Поради тоа нуди „единствена капија“ за истражувачите да ги разберат најраните фази од текстуалната еволуција на Библијата и укажува на некои разлики во однос на модерните преводи.
На пример, оригиналната грчка верзија на Евангелието по Матеј 12:1 - која денес најчесто се користи - вели: „Во тоа време, Исус одеше низ посевите во сабота; а Неговите ученици огладнија и почнаа да скубат класје и да јадат“.
Новоотриениот сириски превод е малку поинаков, бидејќи во него пишува „почна да бере класје, да го трие во рацете и да јаде“.
Резултатите од истражувањето се објавени во New Testament Studies.