Македонија

Собранието по скратена постапка ќе го ратификува договорот со Грција

19. јуни 2018 - 11:52 | МИА

Скопје, 19 јуни 2018 (МИА) - Собранието на Македонија денеска ја утврди потребата од донесување на законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство.

На седницата присустуваа 110 пратеници, гласаа 109, од кои 69 „за“, а 40 беа „против“.

Потребата од донесување на овој закон по скратена постапка пред пратениците ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој напомена дека овој предлог-закон е предвиден како дел од националната прфограма за усвојување на правото на ЕУ во рамки на политичките критериуми во делот на регионалната соработка и меѓународните обврски. Рокот за донесување е 22.06.2018 година, а Димитров нагласи дека имајќи ги предвид европските и евроатлантските перспективи на земјата повеќе од неопходно е да се донесе по скратена постапка.

Шефот на дипломатијата потсети дека Грција согласно договорот, по неговото ратификување во македонскиот Парламент има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО.

- Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а Самитот е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. За да ги испорачаме овие резултати предлагаме Собранието  да одлучи законот да се донесе по скратена постапка. Со ратификацијата се отвора можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина на есенскиот референдум, рече Димитров. 

По изгласувањето на потребата од донесување на овој закон собранискиот спикер Талат Џафери ја задолжи Комисијата за европски прашања како матично тело да го разгледа предлогот кој е поднесен со европско знаменце, како и Законодавно-правната комисија.

Негодување изразија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а пратеникот Драган Данев изјави дека договорот едностран, претставува капитулација за државата и геноцид за македонскиот народ.

Според него, се наметнува ново име на државата и се крши уставот, со тоа што е прифатено да се користи за внатрешна употреба.

Тој го обвини Џафери дека го крши собраинскиот деловник, законите и Уставот и најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува, во како што рече, таа правна лакрдија. Данев побара еден час пауза, но Џафери ја продолжи седница и беше изгласан дневниот ред, а пратениците од опозицијата ја напуштија пленарната сала.

Откако законот ќе пристигне во Комисијата за европски прашања, таа има два дена, односно до среда на полноќ за разгледување на договорот.

Откако ќе помине на Комисијата, Предлог-законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде финално ратификуван.

За ратификација потребно е обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.

Додека траеше собраниската седница пред Собранието се одржуваат протести на граѓани, кои се против договор со Грција.

Коментирај