Свет

Социјалистите и Каталонската левица договориле нова шпанска влада

31. декември 2019 - 10:18 | МИА

Сосема е извесна спогодбата меѓу шпанската Социјалистичка партија (ПСОЕ) и Каталонската републиканска левица (ЕРЦ), што го отвора патот службениот премиер Педро Санчес повторно да биде изгласан за оваа функција во парламентот.

Шпанските медиуми јавуваат дека средбата меѓу преговарачките страни од двете партии покажала значителен напредок, а најделикатниот дел од спогодбата бил договорен и сега се очекува нејзиното одобрување од ЕРЦ: преговори меѓу централната Влада во Мадрид и каталонската регионална Влада за можното решение на политичката криза во Каталонија.

Сега веќе може да се закаже и гласањето за влада во периодот меѓу 2 и 5 јануари, пишува електронското издание на шпанскиот весник El País.

Социјалистичката партија победи на повторените општи избори во ноември, но, како и на гласањето во април, не освои мнозинство. По гласањето од минатиот месец Педро Санчес и лидерот на левичарската партија Унидас Подемос, Пабло Иглесијас, соопштија дека постигнале договор за состав на коалициска влада. Тоа, меѓутоа, не беше доволно Санчес да помине на евентуално гласање доверба во Конгресот и тој затоа продоложи да преговора со други партии, во случајов со ЕРЦ.

Доколку гласањето со „воздржан“ на сецесионистичката каталонска партија биде обезбедено, Санчес практично гарантирано поминува како премиер, имајќи предвид дека тој веќе ја доби подршката на Баскиската националистичка партија (ПНВ), на Мас Паис (левичарска партија, формирана од основачот на Подемос, Ињиго Ерехон), Кантабриската регионална партија ПРЦ, регионалната партија Компромис од Валенсија и партијата на Канарските острови – Нуева Канаријас.

Коментирај