Во споредба со другите континентални дестинации во земјата, природата ја дарувала Сокобања со непроценливо богатство: опкружена е со дури четири пространи, еколошки ненарушени планини - Озрен, Ртањ, Девица и Буковик. Во самиот град постојат шест различни лековити термоминерални извори, како и уште пет извори во блиската населба Јошаница. Заштитниот знак на Сокобања е уште едно културно богатство од големо значење - средновековната тврдина Соко Град – истовремено и еден од најубавите, меѓу бројните овдешни видиковци. Околните планини ја штитат бањата од ветрови и непогоди и ѝ даваат уште една непроценлива драгоценост – воздух исполнет со благотворна јонизација.

Сите излетнички места во Сокобања нудат можност за целодневен престој, прошетка, релаксација во природа и на чист воздух. Љубителите на природата можат да уживаат во 36 уредени излетнички места, планинарски патеки со вкупна должина од 450 километри, летниковци, објекти за набљудување на природни реткости, панорамски патишта, патеки на здравјето.

Доколку сакате да се освежите во топлите летни денови, Аква паркот „Подина“ е совршено место за целото семејство. Малку похрабрите можат да се избањаат во чистата, бистра вода на Моравица, на градските плажи: „Жупан“, „Шест каце“, „Три каце“ и „Џентлмен“, на кои секогаш има место за повеќе капачи.

Посетителите желни за релаксација имаат голем избор на велнес и спа содржини како што се бисерна купка, разни видови масажа, финска сауна, солена соба, како и капење во амамот каде што е снимена сцената од познатиот филм „Зона Замфирова“.

Дојдете и освежете се со сокобањскиот воздух, лековитите води, вкусната храна, препуштете им се на магијата на недопрената природа и бескрајното зеленило и доживејте го добро познатото гостопримство на сокобањците, кои ќе се потрудат да го направат вашиот престој незаборавен.