Фудбал

Солскјер со силни критики: Медиумите намерно го напаѓаат Погба

10. јули 2019 - 18:25 | К.З.

Тренерот на Манчестер Јунајтед се стави во заштита на неговиот најдобар фудбалер, Пол Погба, обвинувајќи ги медиумите дека намерно го издвојуваат Французинот како главен негативец во составот на „црвените ѓаволи“.

Откако беше назначен за тренер на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер се бори со постојани критики околу изборот на играчи, резултатите на тимот и општо неговата работа во Манчестер. Но, овојпат тој беше оној што критикува.

Можеби најголемиот проблем на Манчестер Јунајтед во последните две сезони претставува Пол Погба, но не поради тоа што Французинот игра лошо, туку поради тоа што неговиот статус во тимот е недефиниран бидејќи тој одбива да се обврзе на долготрајна иднина со клубот. Заедно со неговиот агент Мино Рајола, Погба веќе две лета „флертува“ со некои од најдобрите клубови во Европа.

Минатата недела Погба уште еднаш ги брануваше насловните страници во Англија со изјавата дека е подготвен за нов предизвик, што навивачите на Манчестер Јунајтед го сфатија како најава за негов трансфер. Сепак, неговиот тренер беше лут поради начинот на кој го пренесоа тоа медиумите.

„Ми изгледа како медиумите намерно да го напаѓаат Пол (Погба). Тој е фантастично момче и никогаш не ми направил проблем. Има златно срце. Погба секогаш сака да игра и тоа му е на прво место. Она што го зборуваат агентите е нивна работа – тие постојано зборуваат“, изјави Солскјаер.

Интересот за Пол Погба е голем и покрај лошата сезона на Манчестер Јунајтед. Може да се каже дека тој беше една од најсветлите точки во инаку бледиот состав на „ѓаволите“, што беше потврдено со изборот на Погба во Тимот на сезоната во Премиер лигата.

Реал Мадрид и Јувентус постојано чукаат на вратата, но Манчестер Јунајтед барем засега не е подготвен да го продаде Погба, кој го освои Светското првенство во 2018 година со репрезентацијата на Франција.

Коментирај