Кошарка

Сонот им се оствари: Браќата Антетокунмпо ќе играат во ист тим

5. јули 2019 - 15:46 | К.З.

Јанис Антетокунмпо и неговиот брат Танасис имаат неверојатна заедничка приказна, која предизвика тие да се толку блиски и неразделни до ден денес. Она на кое се надеваа уште од најрана возраст конечно е на дофат – тие во наредната сезона ќе играат во ист тим.

Нивните родители се нигериски имигранти кои пристигнаа во Грција во 1994 година, кратко пред да се роди Јанис. Тие немаа ниту документи, ниту пари, а финансиските проблеми продолжија и откако се родија Јанис и Костас, двајцата помали браќа на Танасис.

Јанис и неговите браќа мораа да спијат заедно во ист кревет бидејќи нивните родители можеле да си дозволат да изнајмуваат само двособен стан, а и ретко кога имало доволно храна за сите.

„Беше тешко. Немавме многу пари, но бевме многу среќни“, изјави Јанис неодамна, зборувајќи за неговата животна приказна.

Дури и кога браќата почнаа да тренираат кошарка, родителите не можеа финансиски да одговорат на сите барања, па Танасис и Јанис мораа да носат еден ист пар патики на секој натпревар. Тоа значеше дека двајцата никогаш не беа заедно на теренот, иако беа двајцата најдобри играчи на нивниот тим. Кога Јанис излегуваше од игра, му ги даваше патиките на Танасис, и обратно. Јанис не го заборави гестот на неговиот постар брат, па затоа на овогодинешниот Ол Стар натпревар носеше патики на кои со маркер напиша: „Танасис, ти благодарам што споделуваше со мене“.

Сега, од НБА лигата доаѓаат многу убави вести. Танасис ќе му се приклучи на неговиот помал брат во Милвоки Бакс, откако раководството на клубот реши да му понуди двегодишен договор.

Со тоа, Бакс ќе имаат два пара браќа во нивниот состав – Брук и Робин Лопез, како и Танасис и Јанис Антетокунмпо.

Коментирај