Гејминг

Sony потврди дека работи на нова конзола

9. октомври 2018 - 15:58 | К.З.

Во очекување на најавата за PlayStation 5, Sony потврди дека работи на нова конзола, но не даде никаков знак дека таа ќе го носи името PlayStation 5. Љубителите на видеоигри очекуваат било каква информација околу новата конзола, но од компанијата засега ги чуваат сите информации во тајност.

Оваа најава се појави во момент кога се поставува прашањето дали конзолите воопшто се иднината на гејмингот. Microsoft, на пример, објави дека нивната нова конзола би можела да живее во cloud систем, наместо да зафаќа физичко место во домот на корисникот.

„Во овој момент можам да кажам само дека е неопходно да имаме хардвер од следната генерација. Да, работиме на нова конзола, но не можам да ви кажам ништо повеќе“, изјави Кеничиро Јошида, претседателот на Sony.

Веќе од поодамна се шпекулира дека новата конзола на Sony нема да се вика PlayStation, туку ќе носи некое друго име, кое веројатно ќе го означи почетокот на владеењето на една нова, поинаква конзола. Можеби и Sony има намера да ја постави конзолата на интернет, односно на cloud систем кој нема да биде физички присутен во живеалиштето на корисникот.

Новиот систем на Microsoft е наречен xCloud и тој е сместен на интернет, односно на cloud. На тој начин ќе им биде овозможено на играчите да играат Xbox игри на нивниот смартфон, без притоа да бидат ограничени од спецификациите на нивниот телефон.

Коментирај