Фудбал

Сопственикот на Лестер Сити е еден од петмината загинати во хеликоптерската несреќа

29. октомври 2018 - 9:12 | А.С.

Сопственикот на фудбалскиот клуб Лестер Сити е еден од загинатите во несреќата што се случи вчера, кога хеликоптерот во кој патуваше се сруши во близина на стадионот, потврди клубот.

Вичаи Сриваданапраба, двајца негови вработени, пилотот и уште еден патник загинаа кога леталото почнало да губи контрола, падна и експлодира.

Полицијата соопшти дека покрај тајландскиот милијардер Сриваданапраба, другите загинати се вработените Нурсара Суканмаи и Кавенпорн Пунпаре, пилотот Ерик Свафер и неговата партнерка Изабела Роза Леховиц.

Свафер имал над 20 години искуство како пилот на хеликоптер и приватни авиони.

„Нашите мисли се со семејството Сриваданапраба и семејствата на сите кои беа на летот, по оваа несреќа за кој немаме зборови да ја опишеме“, стои во соопштението на Лестер Сити.

Сриваданапраба (60), сопруг и татко на четири деца, го купи Лестер Сити во 2010 година за 39 милиони фунти.

Клубот ја освои Премиер лигата во 2016 година.

„Под негово водство Лестер Сити стана семејство. И токму како семејство сме во жалост за неговата смрт и ќе ја продолжиме визијата за клубот што е негова оставнина“, велат од клубот.

Истрагата за несреќата уште трае.

Коментирај