Свет

Сорос: ЕУ ќе ја снајде судбината на Советскиот Сојуз во 1991 година ако продолжи вака

12. февруари 2019 - 14:55 | А.С.

Унгарскиот милијардер и активист Џорџ Сорос води идеолошка војна со конзервативните евроскептички сили во земји како Унгарија, Полска и Италија и троши стотици милиони долари за неговата невладина организација Фондација Отворено општество и нејзините преставништва низ Европа и САД.

Сорос напиша коментар за информативната веб страница за финансии и инвестиции MarketWatch, во кој предупредува дека „антиевропските сили“ можеби ќе имаат предност на следните избори во Европскиот Парламент во мај.

Повикувајќи го „заспаното проевропско мнозинство“ да не „месечари право во заборав“, Сорос излезе со аргумент што наиде на негодување, дека ако продолжат вака „Европската Унија ќе ја снајде судбината на Советскиот Сојуз во 1991 година“.

„Уште можеме да зборуваме за зачувување на ЕУ, со цел радикално да ја обновиме. Но, тоа ќе подразбира коренита промена во ЕУ“, нагласува Сорос.

„Актуелното водство потсетува на Политбирото во времето кога се сруши Советскиот Сојуз – продолжува да издава укази, небаре некој уште ги почитува“, додава тој.

Следните избори во ЕП ќе бидат решавачки, смета тој. Според него, анти-ЕУ силите имаат предност моментално благодарение на „застарениот партиски систем“ и „практичната невозможност“ да се смени Лисабонскиот договор, како и „недоволниот број на правни мерки за дисциплинирање на земјите членки кои ги кршат начелата врз кои е изградена ЕУ“.

Милијардерот е особено загрижен за десничарската анти-имигрантска евроскептично настроена Алтернатива за Германија (AfD), која тој ја смета за „екстремистичка“. Исто така, Сорос ја пофали Зелената партија на Германија за која рече дека е „единствената конзистентно проевропска партија во земјата“ која, исто како AfD, добива на популарност.

Коментирај