Фудбал
КОПА ДЕЛ РЕЈ 2019/20

Сосиедад едвај излезе на крај со Мирандес, финалето ќе го брка на реваншот

14. февруари 2020 - 9:12 | Ф.З.

Сите очекуваа убедлива победа на Сосиедад и уште во првиот натпревар обезбедување финале, но второлигашот Мирандес постигна гол и се избори за минимален пораз.

Дека во домашните купови нема фаворити синоќа потврди екипата на Мирандес која во Сегунда е дури на 10-тото место. Иако контролата и поседот ја имаа домаќините, гостите со пожртвувана игра и фудбалска стаст дадоа сѐ од себе и останаа во игра за историско финале.

Работите тргнаа лошо за второлигашот бидејќи Сосиедад поведе уште по само 9 минути игра, најавувајќи голеада, која подоцна не се случи. Порту беше срушен во гостинскиот казнен простор од страна на Одеи Онаиндија, а Микел Ојарзабал беше сигурен егзекутор.

Молк на „Сан Себастијан“ во 39. минута откако гостинската деветка Матеус Аијас ја измести домашната одбрана и топката ја протна в гол.

Само три минути подоцна фудбалерите на Сосиедад ја вратија предноста. Мартин Одегард преку контра шутираше од дваесетина метри, голманот Лимонес одбрани, на одбиената топка налета и шутна Порту, Лимонес повторно брани, но од третиот обид повторно Одергард овој пат биеше во мрежата.

Во вториот дел домаќините само двапати го погодија голот на Мирандес, не успеаја да постигнат трет гол за поголема разлика и на реваншот, неочекувано, ќе патуваат само со гол предност и гол примен дома.

Реваншот е закажан за 4 март на „Мунисипал де Андува“ стадионот во Миранда де Ебро кој е со капацитет од само 5.759 гледачи. Ништо чудно со оглед на тоа што гратчето Миранда де Ебро има 35.500 жители.

Играњето во полуфиналето е најголем успех за Мирандес во историјата на клубот, а пласман во големото финале би било нешто незамислуво за овој мал клуб формиран во далечната 1927 година.

Коментирај