Научниците постојано работат на создавање нови софистицирани вештачки модели на земјотреси и ја проучуваат историјата на земјотресите, но сепак никој нема доволно познавање на условите на длабочините каде што почнуваат и растат земјотресите, за да може да се предвиди оваа елементарна непогода.
Сепак, можете да бидете подготвени како да се однесувате и што може да направите во случај на земјотрес, за да останете најбезбедни што може.
Доколку сте внатре
1. Легнете покрај некое парче мебел - тросед, кревет, плакар - во фетус положба. Доколку сте во можност грабнете душек и поставете го странично до вас. Избегнувајте да се криете под маса или слични предмети - ако се сруши нешто тешко врз масата, вие ќе бидете смачкани.
2. Ако сте во кревет за време на земјотрес, стркалајте се од него и легнете покрај креветот, а главата покријте ја со перница.
3. Избегнувајте криење во кујната, покрај полици со украси и книги, прозорци - било што кое што може да ви падне на глава, да се скрши и да ве повреди.
4. Надворешните потпорни ѕидови на куќите се едни од најбезбедните места во куќата за време на земјотрес. Доколку имате можност, потпрете се таму.
5. Иако владее општото мислење дека рамката од вратата е едно од најбезбедните места за криење за време на земјотрес, експертите докажаа дека не е така - овде сте изложени на повеќе физички повреди од двете страни на рамката.
6. Останете внатре додека не сте сигурни дека може да излезете. Истражувањата покажале дека најмногу повреди за време на земјотре се случуваат кога луѓето пробуваат да сменат локација или пак влегуваат во стампедо со други луѓе кои исто така брзаат да излезат на отворено.
7. Затоа, ако живеете во зграда не тргнувајте по скалите - тука не е безбедно поради тоа што скалите „се движат со поинаква фреквенција“ за време на земјотрес и доколку почне посилен земјотрес, ќе бидете заглавени тука. Се подразбира и дека никако не треба да користите лифт во случај на земјотрес.
Доколку сте надвор
1. Најдете празно место подалеку од градби, бандери и дрвја и легнете на земјата.
2. Ако сте во возило, застанете настрана од патот и останете внатре додека не престане тресењето. Доколку станува збор за посилен земјотрес, излезете од возилото и застанете покрај него.
Подготовка однапред
1. Бидете спремни со план за евакуација од домот доколку дојде до земјотрес. Овој план споделете го со семејството, за да може секој да знае дека не треба да паничи, туку да следи одреден протокол.
2. Одредете излез за во итен случај. Задната, предната врата или подрумот - важно е ова да е најлесен пат за излегување од домот и секој да го знае.
3. Одредете најбезбедна соба за криење, во случај да не сте во можност да излезете. Тука важат сите правила за криење во дом (подалеку од предмети што може да ви паднат и да ве повредат).
4. Предмети за итен случај: Пакетче за прва помош, батериски ламби, свирче, ракавици, чизми и ќебиња - ова се нештата што треба да ви бидат подготвени и на дофат во случај на ваква елементарна непогода.
6. Храна и вода. Замислете дека 3 дена може да бидете заглавени таму - подгответе вода и конзервирана храна што може да ви издржи за 72-часовен период.