Фудбал

СП 2018: Дали Белгија повторно ќе добие ваква шанса?

11. јули 2018 - 12:23 | М.Д.

Фудбалската репрезентација на Белгија, синоќа е поразена во полуфиналето од Мундијалот во Русија, каде загубија од селекцијата на Франција со 1:0, со што нивниот сон за финале и евентуална титула првак на светот пропадна.

„Црвените ѓаволи“ веќе неколку години наназад го имаат едниот од најталентираните состави на шампионатите, но резултатите недостасуваат.

На Светското првенство во Русија, не може да се каже дека „резултати недостигаа“, бидејќи стигнаа до полуфиналето, односно влегоа во четирите најдобри селекции на светот.

Но, овој резултат не ги задоволува нивните апетити, бидејќи кога имате играчи кои се носители на најдобрите екипи во Европа, со право се надевате на титулата светски шампион.

Хазард со години наназад е најдобар играч во Челзи, Де Брујн зад себе ја има сезоната на кариерата во Манчестер Сити, додека Ромелу Лукаку постигна 27 гола за Јунајтед во сите натпреварувања минатата година.

Врвните Белгијци, кои имаат квалитетни играчи тргнувајќи од голман, па се до напаѓач, во четвртфиналето го елиминираа фаворизираниот Бразил, но кога требаше да направат уште еден голем чекор напред - тие застанаа.

Франција пак, не беше подобар противник на теренот, едноставно избраниците на Дидие Дешамп имаа повеќе среќа во одредени моменти и на крај дојдоа до триумф.

Сега, кога веќе Белгија не ја искористи можноста да го крене трофејот од ова Светско, се поставува прашањето дали овој тим воопшто ќе има уште една прилика за ваков подвиг?

Златната генерација на „Црвените Ѓаволи“ полека но сигурно влегува во подоцни играчки години, па некои од најдобрите поединци би можеле дури и да бидат пензионирани на следниот Мундијал.

Азар и Де Брујн веќе имаат по 27 години, Тоби Алдервирлд има 29, Компани и Вертонген по 32, додека Фелаини има 30 години.

Кога станува збор за нападот, Белгијците не треба премногу да се грижат, бидејќи за четири години Лукаку, па и Хазард и Де Брујн, ќе бидат според многумина во најдобрите години, но во одбраната многу играчи ќе бидат под знак прашалник.

Белгија сега имаше одлична можност да дојде до голем успех, таков каков што овој тим и овие имиња заслужуваат, но ќе мораат да се задоволат со борбата за третото место.

Ниту тоа не е толку трагично, бидејќи повторно можат да освојат титула, но за играчи од ваков калибар и за тим кој го победи Бразил, ова сепак е сигурно разочарувачки.

Коментирај