Фудбал

СП 2018: Фудбалската федерација на Србија ќе поднесе жалба до ФИФА

23. јуни 2018 - 9:32 | МИА

Калининград, 23 јуни 2018 (МИА) – Фудбалската федерација на Србија ќе поднесе жалба до ФИФА заради пропустите на главниот судија на натпреварот со Швајцарија, Феликс Брих, но и заради вмешување на политички елементи во спортот.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а според Фудбалската федерација на Србија една од причините за таквиот тек на настаните се и судиските грешки на Брих.

Особено проблематична тие ја сметаат ситуацијата во второто полувреме кога српскиот фудбалер Александар Митровиќ беше турнат во шеснаесетникот на Швајцарија.

„Ќе поднесеме жалба до ФИФА поради судењето, особено поради недосудениот пенал. Но, освен тоа има и многу други работи кои беа насочени против нас“, истакна генералниот секретар на Фудбалската федерација на Србија, Јован Шурбатовиќ.

Генералниот секретар наведе дека реагирале до ФИФА заради копачките со косовско знаме кои ги носеше швајцарскиот фудбалер Ѓердан Шаќири, но и заради гестикулирањето орел по постигнатите голови од страна на Шаќири и неговиот соиграч Гранит Џака. Според Шурбатовиќ овие елементи претставуваат директно вмешување на политиката во спортот и очекува ФИФА соодветно да реагира.

Коментирај